Во пресрет на Детската Евровизија која секогаш е еден од највозбудливите настани во годината, особено за најмладите, оваа година Лара, Јован и Ирина направија да ја очекуваме повеќе од кога и да е.
Тие настапуваат со песната „Животот е пред мене“, токму како што им доликува, а повеќе од сигурно е дека ќе остават силен печат на сцената. Автор на песната е Симон Трпчески, продуцент Дарко Димитров, а текстот на прекрасните Јован и Лара, па воопшто и не е чудо што истата е ултра популарна на Евровизиските топ листи. Во пресрет на големиот настан во Ерменија, разговаравме со Лара Трпческа која за голем дел од своите настапи и појавувања одбра парчиња токму од брендовите на Fashion Group. Неодоливо шармантна и исклучително паметна, малата Лара беше дел од интервјуата на Fashion Group, а во истото нѝ открива кои се нејзините очекувања од настапот овој викенд и што е она во што ужива живеејќи го нејзиното детство.
- Лара, што за тебе значи тоа што оваа година токму тебе ти припадна честа да ја претставуваш нашата земја на Детската Евровизија?
- Пред сè, мене ми претставува едно огромно задоволсто и нормално чест што добив таква прилика да ја претставувам Македонија на таква манифестација како што е Детската Евровизија особено што оваа година е јубилејна, 20-та. Многу сум среќна што ќе доживеам вакво искуство и сигурна сум дека ќе ми остане како еден прекрасен спомен од детството.
- Како се подготвуваш за големиот настан и кои се твоите очекувања од истиот?
- Редовно имаме завршни проби со нашиот кореограф Илија Карадакоски, додека истовремено имам и вокални вежби со Тоше Митрев, кој што е професор по хорско диригирање и пеење во Штип. За очекувањата да бидам искрена немам конкретни бидејќи мене ми е успех и победа самото тоа што сум стигнала дотука и што ќе застанам на сцената во Ереван на 11-ти декември. Ќе дадам сè од себе да ја претставам Македонија достоинствено и во најдобро можно светло, нормално со помош на целиот тим што стои зад мене.
- Што можеме да очекуваме од вашите комбинации на сцената и по што сакате да останете запаметени на овогодишното издание на Детската Евровизија?
- Оваа година одиме во Ерменија со една весела, современа, забавна песна која што е соодветна за нашата возраст, има впечатлива мелодија, заразен ритам, убава порака и е прилично незаборавна сама по себе. „Животот е пред мене“ веќе има преку 200 илјади прегледи на Јутјуб што значи дека освен на нас, и на многу други им се допаднала нашата песна, и јас сум многу среќна поради тоа. За да допринесеме за уште поубав впечаток и позабавен настап имаме и многу интересна кореографија, сценографија, и костимографија која што не би сакала многу да ја откривам за да остане како изненадување на денот на настапот.
- Како дојде до соработката со Fashion Group и колку беше предизвикувачко да се направат сите комбинации за настапот и појавувањата?
- Првата соработка со Fashion Group, којашто нема да биде лесно заборавена, беше благодарејќи на Андреј Папаз кој што беше задолжен за облеката и стајлингот за нашиот евровизиски спот. Тој нè поврза со Fashion Group кои ни овозможија да имаме облека за сите 19 деца кои што беа дел од спотот. Навистина беше едно незаборавно искуство и доживување затоа што поминавме цели девет часа со Андреј правејќи соодветни комбинации за секој дел од спотот. Андреј Папаз е исто така задолжен и за нашиот изглед на Евровизиската сцена, кој што ќе биде навистина фантастичен. Се надевам дека соработката со Fashion Group ќе продолжи да биде прекрасна и понатаму како и досега.
- Со оглед на тоа што доаѓаш од музичко семејство, колку тоа ти значи во однос на подготовките и совладување на тремата на сцена?
- Возбудата е присутна во секој случај и е со нас на секој настап без разлика дали е заеднички или индивидуален. Таа таканаречена позитивна трема е исто така присутна, но со добра енергија и позитивна мисла додека максимално уживаме во тоа што го правиме мислам дека може да се надмине и да се остави убав впечаток. Во врска со подготовките имам огромна поддршка од целото семејство, особено родителите, кои што навистина имаат голем удел во организацијата на времето и обврските и многу вложија во целиов овој настан и ова доживување, така што имам поттик од секоја страна.
- Кои се артистите во чија музика уживаш и кои можеби влијаат на оформување на твојот правец?
- Искрено уживам во различни видови на музика, но најмногу во поп музиката. За омилен артист од тоа поле не би можела да се одлучам затоа што слушам различни и сите од нив си имаат свој стил. Но, најмногу ми се допаѓаат тие што се весели и прават убава атмосфера.
- Со оглед на тоа што си многу млада, каква музика би сакала да создаваш во иднина? Дали музиката е дефинитивно правецот во кој би сакала да се движиш?
- Како растам и пробувам сè повеќе работи тоа прашање за што би била во иднина да бидам искрена се потешко ми станува. Имам најразлични интереси, покрај пеењето. Уметност, глума, танц. Но, што и да решам да бидам, музиката секогаш ќе продолжи да биде составен дел од мојот живот како и досега.
- Кој е најдобриот совет што си го добила од твоите родители?
- Имам добиено многу, во различни ситуации, меѓутоа еве неколку:
1.Секогаш да сум насмеана, да уживам во тоа што го правам максимално и да се забавувам. Во сè да наоѓам причина за среќа.
2.Секогаш да пробувам да ги гледам и наоѓам позитивните страни на нештата и ситуациите. Секогаш има надеж, можност и решение. Со позитивна мисла и позитивна настроеност да гледам кон нештата.
3.Животот е борба! Така поттикнувал и мојот дедо. За сè треба да се бориме, особено ако нѝ е важно, и нѝ значи. Секогаш ќе има препреки и предизвици меѓутоа тие не треба да нè спречат во тоа да постигнеме и направиме нешто што сакаме и што нè прави среќни.
- Ако можеш да соработуваш со било кој музичар во светот, кој би бил тоа?
- Па не сум размислувала многу на таа тема, но би го одбрала Бруно Марс. Ми се допаѓа неговиот стил има и убави балади и убави хит и поп песни што ги знам и ги слушам. Прилично е актуелен и популарен низ нашата генерација и често го слушам. Така што тоа би било интересно ако се оствари еден ден.
- Кои се квалитетите што мислиш дека би требало да ги поседува еден музичар?
- Првенствено треба да има талент. Талентот знаеме дека без работа не може да се реализира, а истовремено треба да биде трудољубив, отворен за знаење, да има чувство за тимска работа, да има чувство за самокритичност, а секако во никој случај не би одмогнало да има и харизма.
Организација и реалиација: Fashion Group
Локација: Central Perk
Шминка: Kiko Milano
Комбинации: Mango,Desigual,Miss Sixty