Барај
%
×
HUGO
Зошто мажите може да носат седа коса, а ние не?
БЛОГ

Зошто мажите може да носат седа коса, а ние не?

 

Последните години од моето факултетско образование не ги одбележа само чувството на среќа дека сум постигнала нешто во животот, туку и уште едно друго, што не го познавав дотогаш – чувството дека сум позрела!

 

 

Но, не заради тоа што завршив факултет, туку затоа што некаде до мојата 23-та година, повеќе од 50% од мојата коса беше седа. Тоа воопшто не ми беше проблем, напротив, уживав во новото искуство, можеби затоа што знаев дека како резултат на гените, и мене ме очекува истото како и моите, на многу рана возраст. Но, иако совршено добро го прифатив тој факт, општеството имаше поинакво размислување за мојот нов изглед, особено, на тие години. И додека моите другари беа обожувани од женската популација и споредувани со Џорџ Клуни заради седата коса, мене постојано ми беа упатувани чудни погледи и одеднаш, никој не ми бараше лична карта повеќе.

 

 

На истото размислување е и новата Сара Џесика Паркер која осамна на насловната на Вог за декември, со совршена седа коса и раскошен фустан од последната колекција на Долче и Габана. Само да потсетиме, таа говори на темата на нејзини 56 години, јас говорев на 23. Но, секој со својата среќа.

Најважно од сè е што и двете ја имаме погодено поентата. „Постојат толку мизогини коментари поврзани со оваа тема и жените, нешто што никогаш Нема. Да. Му. Се. Случи. На. Маж“, вели актерката во интервјуто, отсечно одделувајќи го секој збор.

 

 

 

Веројатно се сеќавате на првите фотографии од снимањето на новото продолжение на „Сексот и градот“ и како тие фотографии беа примени од дамите ширум светот кои ја нападнаа актерката дека личела на баба и дека ужасно многу остарела. 

„Седа коса, седа коса, седа коса! Дали таа има седа коса??? Седам со мојот пријател Енди Коен на кого целата коса му е седа и изгледа фантастично. Зошто тоа е во ред за него?“, прашува актерката.  Додава и дека повеќе не знае што да одговори на ваквите коментари, особено на оние кои и пишуваат на социјалните мрежи.

 

 

 „Секој има нешто да каже. Гледајте колку брчки има, па друг ќе рече, таа нема воопшто брчки. Речиси и да се чувствувам како луѓето да не сакаат ние да сме ок со она што вистина сме, дури како да сакаат ние да се чувствуваме лошо за тоа како изгледаме. Јас точно знам како изгледам и немам избор. Што треба да направам? Да престанам да стареам? Да исчезнам?“, емотивно говори Паркер во интервјуто за Вог.

И иако не сум голем фан на серијата, овојпат дефинитивно ќе го погледнам продолжението, бидејќи сега, за прв пат, дамите гласно говорат дека има живот и после 35 – тата и дека жените сè уште изгледаат добро, знаат да одберат шик комбинации, знаат да си направат фризури на седата коса и најважно од сè – знаат кои се.

 

 

Без ниту една помлада внука или млада пријателка на дамите, овојпат, Сексот и градот е целосно наменет за дамите над 50 – тата и тоа е совршено добро. Така и треба да биде. Прекрасната актерка е само уште една во низата која јавно ја прикажува својата нова визија за убавината, онаква каква што и треба да биде во тие години, небојадисана, неисполнета со филери, едноставна и сосема своја.  Интервјуто таа го завршува со фактот дека старее и дека не може ништо да направи тоа да го спречи. А и не треба. Сосема на крај, важно е дека животот целосно ја исполнува, а веројатно и нема поубаво чувство од тоа, нели?

 

Фотографии: Dan Jackson, Vogue

08.11.2021.
Trenutno nema komentara

Слични статии

01.
Nov.
2024.
БЛОГ
Оваа есен модните приказни на Fashion Group изгледаат уште подобро, благодарение на новиот Samsung Galaxy S24.
30.
Oct.
2024.
БЛОГ
Модниот бренд Dan John со новата колекција за оваа сезона носи совршен микс на различни естетики, обединети под препознатливата префинета елеганција што...