Сосема на крај на месец октомври, но не помалку важно, сакавме да упатиме уште еден апел до сите дами кои никако не успеваат да го закажат својот термин за проверка на градите – направете го тоа уште денес! Посветувајќи го месец октомври целосно на подигнување на свеста на тоа колку се значајни навремените прегледи, омилениот бренд за долна облека Women’Secret создаде ултра удобна колекција за пост-оперативните денови, а средствата од истите одат за шпанската организација „Dexeus Woman Foundation“ за психичка поддршка на дамите кои поминале низ ова искуство.
Под мотото #IDOCARE или #SIMEIMPORTA, брендот создаде цела кампања во чии рамки во текот на целиот месец октомври изнаоѓа начини како да ги поддржи дамите што поминале низ ова искуство и да им го олесни целиот пост-оперативен процес.
За уште еднаш да ви покажеме дека секогаш се грижиме за важните општествени прашања и сакајќи да им помогнеме на сите дами на било каков начин, во нивна чест, разговаравме со доктор Маја Стојановиќ – Чрчева, специјалист радиолог во Центарот за дојка во Скопје.
Сакајќи да започнеме позитивно, она што исплива на површина од целиот исклучително значаен разговор, беше фактот што во последните години, светската статистика покажува дека иако има тенденција на зголемување на бројот на новодијагностицирани пациентки, сепак, стапката на смртност прогресивно се намалува!
1.Што покажуваат последните светски истражувања? Постои ли оптимизам во однос на лекувањето на оваа сериозна болест?
-Секако дека оптимизам постои. Сведоци сме на сè повеќе приказни со среќен крај. Имаме пациентки кај кои поминале многу години откога се излекувани од канцер на дојка и се во одлично здравје. Во голема мера тоа се должи на подобрите и посовремени терапии за лекување, но сепак, најголемата заслуга за успешното лекување ја имаат современите дијагностички методи кои ни овозможуваат точна и навремена дијагностика. Светската статистика нѝ покажува дека иако има тенденција за зголемување на бројот на новодијагностицирани пациентки, сепак, стапката на смртност од ова заболување прогресивно се намалува со значително подобрување на квалитетот на живот на пациентките.
2.Многу поважно, дали дамите во Македонија знаат колку е значајна раната детекција на ракот на дојката и колку воопшто доаѓаат на редовни прегледи?
-Со задоволство можам да забележам дека дамите во Македонија се сè подобро информирани за бенефитот од редовните прегледи бидејќи процентот на скрининг прегледи кај здрави асимптоматски жени е сè поголем. Тоа е еден добар показател дека сите апели и совети кои ги праќаме преку различните медиуми допираат до нив и нивото на тој вид култура, се зголемува.
3.Зошто е значајно и без да забележиме нешто, да ги провериме градите?
-Многу е значајно да ги проверуваме градите и без да забележиме нешто бидејќи на тој начин има многу поголема шанса да откриеме промена која не дава никаква клиничка манифестација доколку таа постои. Се смета дека во некоја фаза од својот живот, секоја осма жена ќе се соочи со канцер на дојка, а ние немаме начин да предвидиме која ќе биде таа. Многу научно-истражувачки центри во светот работат на откривање на причината за настанок на болеста, но засега, без конкретен резултат. Заради сите овие причини, најдобриот и најефикасен начин за успешно лекување на канцер на дојка останува неговото рано откривање. Направени се голем број на студии со релевантен број испитаници кои потврдуваат дека сепак постојат определени фактори кои го зголемуваат ризикот. Основниот ризик фактор за канцер на дојка е многу неспецифичен, а тоа е припадноста на женскиот пол. Токму затоа од голема важност е прегледите да ги прави секоја жена која навршила определена возраст независно од тоа дали чувствува некаков симптом или не. Освен полот и возраста, други фактори кои го зголемуваат ризикот се семејната историја, генетската детерминираност, долготрајната менструална историја, претходен канцер на дојка или репродуктивни органи, долготрајна хормонална терапија, обезитас (особено во менопауза) и штетните животни навики. Важно е да се нагласи дека не секоја жена која има еден или повеќе од овие ризик фактори ќе заболи од канцер на дојка, и обратно – доколку немаме ниту еден ризик фактор не значи дека сме заштитени од таа болест.
4.Веројатно клише прашање, но која е возраста на која прв пат треба да се појде на преглед?
-Од дваесетгодишна возраст би требало постепено да стекнуваме навика за месечен самопреглед. Целта е преку внимателно набљудување и палпација, што подобро да ја запознаеме структурата на нашите дојки и доколку некогаш се појави некоја промена – полесно да ја забележиме. Самопрегледот се прави 5-7 дена по започнување на менструалното крварење, бидејќи тогаш дојките се најмалку изложени на хормоналното влијание. Од триесет годишна возраст би требало да се посети доктор – специјалист по радиодијагностика и да се започне со редовни ултразвучни прегледи еднаш годишно, додека со наполнети четириесет години во редовните скрининг прегледи се вклучува и мамографија на секои две години.
5.Колку е значајно девојките со семејна историја на болеста навремено и редовно да се прегледуваат, за да не дојде до несакани последици?
-Жените кои во семејството имаат историја за канцер на дојка се препорачува да започнат со редовни прегледи порано од другите. Годишните ултразвучни прегледи треба да ги прават од 25 години, додека со навршени 35 години се вклучува и мамографски преглед секоја втора година. Треба да се напомене дека структурата на дојките во помлада возраст има поголем процент на фиброгландуларно ткиво кое ни ја отежнува интерпретацијата на мамографскиот наод заради што кај овие пациентки се препорачува скринингот да биде со мамографска томосинтеза (3Д мамографија). Тоа е еден современ дијагностички метод кој ни дава многу подетална информација и со тоа значително ја зголемува можноста за поставување на точна дијагноза како и намалување намалување на бројот на непотребни биопсии.
6.Зошто е значајна поддршката и психолошката помош во овие моменти на сите оние дами кои се соочуваат со оваа болест?
-Карциномот е болест која серизно влијае на психолошката состојба не само на оној кој се соочува со болеста, туку и на неговите најблиски. Поддршката и професионалната психолошка помош значително помагаат полесно да се прифатат сите промени од физички и психички аспект за време на различните фази од дијагностика и лекување, да се избегнат сите емотивни замки кои во најголема мера ги предизвикува стравот. Тие се еден голем патоказ кој помага полесно да се излезе од лавиринтите на болеста како победник во психолошката борба која е важна исто колку и физичкото лекување.
Оваа година, брендот Women’secret им оддава посебна почит на овие дами со целосна колекција посветена на нив, сакајќи да покаже дека секој еден од нас треба навистина да се грижи за себе со тоа што редовно ќе се проверува и воедно, да се грижи за сите оние кои поминале низ оваа борба. Ова е само мал дел од она што го прави брендот за дамите, а веќе подолго време има колекција во која сместува удобни парчиња од органски памук за дамите да се чувствуваат прекрасно одвнатре и однадвор и после операцијата.
-Како да им се помогне на дамите што поминале низ оваа борба за побрзо да му се вратат на секојдневието, дали вакви мали гестови се од значење, како воопшто да им се пристапи по преживеано вакво нешто?
-Убаво е да се знае дека постојат луѓе кои сакаат да помогнат безрезервно. Секоја помош е добредојдена. Помош е убавиот збор, искрениот разговор. Помош се прошетките со добро друштво, убавата музика..Но, помош се и конкретните материјални добра кои помагаат за полесно надминување на сите неудобства кои ги носи болеста – удобната, модерна и квалитетна облека како и сите помагала кои го прават секојдневието попријатно и покомфортно. Секој мал гест што ќе предизвика задоволство, насмевка и позитивни чувства кај овие дами, има големо значење.
8.Последно, што вие како една од најпознатите докторки/специјалист радиолог би им препорачале на дамите кои минале низ оваа борба и воопшто, на младите кои можеби забележале нешто, а сè уште се плашат да се проверат?
-Никој не треба да дозволи стравот да го надвладее разумот. Животот е убав и треба да се живее убаво и квалитетно. Правете редовни прегледи бидејќи канцерот на дојка е болест која се лекува кога е навремено детектирана.