Постои ли подобар начин за одбележување на Интернационалниот ден на жената, од интервјуто на две исклучително храбри жени кои говорат за тоа колку е важно да се чуе гласот на дамите и тие никогаш да не бидат замолчени?
По сите најави, конечно се случи како што многумина ќе кажат, интервјуто на деценијата во кое главните улоги ги имаа принцот Хари и Меган Маркл за прв пат откако се осамостоија и го напуштија кралското семејство.
Очекувано, за време на интервјуто со најголемиот телевизиски лик на сите времиња, Опра, тие открија многу информации поврзани со кралското семејство што го шокираа светот.
Меѓу најважните се чини беше моментот кога Меган говореше за тоа како успеале да ја замолчат за многу работи, но од исклучително значење беше и разговорот што го водеше со Опра за значењето на менталното здравје кое тотално и се нарушило додека била во Палатата до степен да помисли на самоубиство во петтиот месец од бременоста.
„Едноставно, повеќе не сакав да бидам жива. Им реков дека сакам да побарам помош, им реков дека никогаш претходно не сум се чувствувала вака и дека морам да се консултирам со некој. Ми рекоа дека тоа не е можно, дека тоа не е добро за институцијата“, рече Меган додека Опра ја гледаше со неверување.
Вистински шок за јавноста беше и моментот кога Меган изјави дека додека била бремена со Арчи, член на кралското семејство изразил грижа за тоа „колку темно“ ќе биде нивното бебе и дека тоа би било проблем при доделување на титулата принц.
На прашањето на Опра, со кого го водела тој разговор, Меган изјави дека би било многу штетно за нив ако јавно го открие името.
Дека животот во Палатата е исклучително тежок и дека во моментот кога влегуваш во семејството, дефинитивно се откажуваш од својата приватност, уште еднаш го потврди Меган со изјавата дека денот кога пристигнала таму, последен пат го видела нејзиниот пасош, личната карта, возачката дозвола, клучевите од нејзиниот автомобил...
„Хари ми го спаси животот со тоа што се согласи да се преселиме во Лос Анџелес“, беше реченицата со која Меган ги расплака милионите гледачи на Си-Би-Ес.
Подеднакво емотивен беше и разговорот на Опра со принцот Хари кој говореше дека сега конечно се чувствува слободен и дека иако му е многу жал што неговиот татко не му враќа на повиците, сепак, тој конечно се чувствува убаво, додека неговиот татко и брат, сè уште се „заробени“.
Тој ги потврди и шпекулациите дека кралското семејство сосема го исклучило од финансиската поддршка, но и дека тој го има сето она што му го оставила мајка му, принцезата Дајана, како и многуте проекти со кои се занимаваат со неговата сопруга.
За време на интервјуто, беа покажани кадри од нивниот нов дом во Лос Анџелес, а нешто на што обожавателите не останаа рамнодушни беше фармата со спасени кокошки на малиот Арчи, со кои тој ужива да го поминува времето.
Сосема на крај, тие го открија и полот на нивното второ дете, кое треба да се роди ова лето, а како што потврди принцот Хари, тоа ќе биде девојче.
Иако според коментарите на социјалните мрежи, многумина го обожаваат интервјуто и новиот живот на Меган и Хари и тоа колку е силна нивната љубов, други ќе кажат дека поранешната актерка е „лицемерна“ бидејќи говори за вознемирување, а и самата таа го правела истото во кралската палата.
Имено, пред одредено време во јавноста се појавија шпекулации дека таа малтретирала некои од нејзините помошнички, а сето ова беше отфрлено од ПР – тимот на Војвотката.
Сосема на крај, можеби најважното од сето ова интервју го прочитавте токму на почетокот. Што е поважно од тоа целиот свет да го чуе вашиот глас, да бидете слободни во секој момент да го кажете она што го сакате и што длабоко во себе го мислите. Која е смислата на тоа да живеете во кралска палата, а секој еден момент да се чувствувате толку незаштитено?
Нивната одлука да го напуштат кралското семејство можеби е најдобрата на сите времиња. Што е поважно од семејството, од тоа да сте среќни каде и да сте, од тоа да ги гледате децата како растат во безбедна околина во која истовремено вистински го живеат детството...
И за момент да го загубите, секогаш обидете се на било кој начин да го вратите гласот.
Денеска, на Интернационалниот ден на жените, гласно кажете го она што долго го чувавте во себе, денот ќе биде многу поубав!
Инфо и фото: CBS, Daily Mail