Кога размислувавме со кого да го заокружиме месец август како неофицијален крај на летото и старт на новата сезона, веројатно Mellow Sessions беше проектот на кој прво се сетивме, а кој беше ултра квалитетен од повеќе размери. Столбот на истиот, Тони Зен, речиси 20 години е еден од омилените музичари кај нас, свој, спокоен, со течна мисла и ултра дотеран.
Поим за брендот Timberland, но сосема соодветен за сите останати, во августовскиот број на дигиталниот магазин Fashion Group, Тони Зен „позира“ во омиленото место, спортска сала која го потсетува на најубавите денови во Аеродром и на баскетот како една од најголемите пасии. Во интервјуто, говориме за неговата љубов кон синот Јасен и сопругата, кон хип-хопот, кон диџејството, кон пишувањето, културата, Timberland…
1.Кој според тебе е најголемиот уметник во светот?
-The Roots…Black Thought и Questlove. Тие во буквална смисла на зборот се уметници, сеопфатни се, не се само музичари. Ако говориме приватно, уметници се мојата сопруга и син ми Јасен. Тој навистина е уметник. Божја уметност, чиста уметност. Веројатно сите родители знаат за таа чиста љубов и за секој од нив, детето е уметност.
2.Кое е твоето најсреќно сеќавање од детството?
Најубав момент ми беше тишината, спокојството и таа некоја динамика на живеење, а сепак сé се одвиваше споро. Времето некако не одеше брзо, сé беше тука, а сепак беше динамично. Имаше игра, среќа, сконцентрирани бевме на сегашниот миг и тој природен однос, другарството, социјализацијата која што и денес ми недостасува. Тоа е нешто што било и што не верувам дека ќе се повтори. Тоа може да го видиме во мојот последен спот за песната „Уметникот“ сниман во моето маало каде што сите се дружевме. Почитта во спотот беше за големиот батко Мац, тој не порасна како деца, тој беше всушност причината поради која почнав да играм баскет. Икона, прекрасен човек што знаеше како со сите...
3.Каде се чувствуваш најсмирено?
Дома. Во себе. Затоа што таму е акумулирана таа енергија што ми треба за да ме смири, да сум спокоен. Сé е тука, сé е во хармонија, стабилно е, мирно. Сликата дома е сликата од душата.
4.Дали твојата пасија кон кошарката има удел во она што го правиш како уметник?
Има многу, по тоа и ме познаваа, по моето „шутче“, имав убава интелигенција и разбирање за кошарка. Бев нешто како Јокиќ, само понизок. Сé уште имам побуди за играње, постојано се дружиме со екипата, но после сериозната операција на коленото, ми посочија задолжително да се откажам од играње.
5.Стана ли твојата инспирација поголема сега, откако стана родител?
Да, стана многу поголема, најголема досега. Другата година кога ќе правам 20 години Тони Зен, тоа и ќе го потврдам. И да, мене ми требаат моите луѓе да ми го верификуваат напредокот, но на крајот на денот, сам ако не го направиш тоа, ништо. Самодовербата е многу важна. Откако се роди Јасен, откако го создадовме семејството, создадовме едно цело, тој, јас и сопругата. Тоа е најголемата инспирација.
6. Што е она на што го учиш синот?
Да биде добро и свесно битие. Да остане таков пред сé. И како возрасни ние многупати се наоѓаме на раскрсници, тука веќе почнуваат да играат идентитетите, тука е најважно да се остане свесен и добродушен. Тоа му фали на светов сега. Важно е душата да остане чиста и таа да се пренесе, да рефлектира, добрината да кружи.
7.Кој е моментот од твојата кариера што беше пресудниот?
Тоа се два моменти, кога се откажав од факултет, или од спортот поточно, и вториот е кога отидов на Survivor. Тоа беше избор што јас го сакав длабоко, иако имаше гласови кои ме премислуваа. Правилниот избор беше тој, се откажав поради причина, имаше повреда, требаше да правам сериозна операција, што беше голем зафат. Морав да се откажам од баскетот, затоа што требаше да продолжам со животот, ми требаа нозете и за друго, не само за баскет. Јас го избрав слободното изразување, бунтот, пишувањето, љубовта, диџејството, рапувањето, дружбата со луѓето, културата, сé со што се воздигнав и со што стигнав до Survivor по што и денеска ме препознаваат и го одржувам тоа.
8. Ја „размрда“ ли малку сцената со твојот проект „Mellow Sessions“?
Не можам да кажам дека се размрда, туку дека се стабилизира. Искрено мислам дека „Mellow Sessions“ излезе одличен проект, имав голема поддршка, наиде на позитива кај многу луѓе на кои им недостасува таков звук, а сепак е од ново време, од постар артист и ривал на сиот шунд со кој им кажувам на младите дека сé уште сум тука.
9.Изминатиов период повторно интензивно работиш со Timberland, дали ова е твојот бренд?
Да, Timberland ме најде мене некако, не јас него (се смее). Знаете дека тоа е бренд сроден со хип-хоп културата. Откако познатите рапери ги земаа жолтите Timberland чизми како нивен заштитен знак, оттогаш брендот е во неверојатен подем и станува бренд на хип-хоперите. Брендот почнува да крои според нивната култура и се случува експанзија. Порано се сеќавам немавме каде да најдеме Timberland жолти чизми кај нас и секаде беа многу скапи. Кога почнав да заработувам, кога почнаа да се продаваат, почнав и да ги купувам парчињата што ги сакав и толку добро се соединивме со брендот, што веќе почнаа да го поистоветуваат со мене. Иако и другите рапери носеа, мора да признаам дека мене најдобро ми стоеше (се смее). Timberland всушност е хип-хопот!