Барај
%
×
Springfield
Стефанија Гаштарска и Марија Крстевска:  Врвот е тоа што ќе го поставиш како крајна цел!
БЛОГ

Стефанија Гаштарска и Марија Крстевска: Врвот е тоа што ќе го поставиш како крајна цел!

 

Прва Македонка која успеа да стане дел од ансамблот на престижниот „Бољшој театар“. Руското издание на магазинот „Форбс“ ја прогласи за една од осумте идни големи ѕвезди на Русија. Млада, амбициозна, грациозна и со стил. Стефанија Гаштарска сосема заслужено се најде на насловната страница на првиот број на нашиот дигитален магазин.

 

 

Во ова ексклузивно издание кога одбележуваме две децении постоење, вредност и квалитет, одлучивме да поканиме една девојка која ги дели овие квалитети и нејзината мајка, исто така балерина, Марија Крстевска, која ѝ дава несебична поддршка и љубов.

Ова женско дуо,  праќа порака за истрајност,  сила,  љубов, женственост и моќ.

-Студентските денови во Болшој Академијата ми поминаа по цели денови во сала. Единствен ритуал во Болшој е секојдневното и целодневно вежбање – го започнуваме нашиот разговор со Стефи за нејзините студентски денови, додека се подготвуваме за фотосесијата.

 

 

Кога некој веќе ќе успее да се искачи на врвот, на другите тоа честопати им излгеда многу лесно и достижно. Но, како патот навистина изгледа, знаат само оние што го поминале.

-Кога си имаш точно поставена цел и вредно и посветено работиш, ништо не е невозможно и тешко. Но, не е нималку едноставно кога си далеку од дома, тоа што бев сама и далеку од фамилијата  навистина беше една од најтешките работи со кои морав да се соочам. Сепак, решителноста да успеам и желбата да си го остварам сонот беа посилни од тагата. Поминавме низ еден многу тежок период, но вредеше (се смее).

Бирајќи ги комбинациите, зборувавме и за уникатноста што секоја жена ја носи со себе, па ја прашав, што смета дека ја издвојува од другите.

-Не мислам за себе дека сум посебна, јас сум само некој што навистина знае што сака, има визија, има јасно зацртана цел и чесно работам на реализација на истата. Во уметноста, сите сме уникатни, сите испишуваме уникатна приказна, а колку ќе остане запаметена, колку ќе остави белег или ќе биде успешна... зависи само од силната волја, многу работа и посветеност. Зависи само од  нас самите!

-Стефи, знае ли конкуренцијата во Болшој, некогаш да предизвика несигурност?

-Конкуренцијата е огромна!  И во Болшој и Марински, Перм, Станиславски, Михајловски... конкуренцијата е огромна, Русија е држава со голема традиција во балетот, па и општо, во уметноста, продуцира најдобар кадар и затоа и конкуреницјата е многу голема. Но, ако успееш таму, значи навистина си успеал! Лично, тоа секогаш ме мотивирало – здравата конкуренција! – посочува младата балерина.

 

 

 

А патот до успехот е секогаш послан и со тешки одлуки, за кои понекогаш времето покажува дали се добро направени.

-Да завршиш Академија како Болшој и да бидеш примен во еден таков театар, за мене не претставуваше само задоволство, туку и огромна одговорност. Во еден момент решив дека понудата што ја добив од „Перм Опера и балет“, не се пропушта и времето покажа дека тоа е најдобрата одлука што ја направив. На само 19 години ги изиграв речиси сите класични балетски улоги, се развив уште повеќе на технички и уметнички план, но балетот е постојано движење и секојдневно развивање и никогаш не можеш да кажеш: „Ок, тоа е тоа“. Секогаш може подобро, и тоа е она што го прави балетот безлимитна креација и уметност.

Да не е балерина, вели, би била актерка дефинитивно, а тој талент ни го покажа додека го работевме овој едиторијал.

И додека некој би рекол дека Болшој е врвот во кариерата, таа вели, дека има уште многу врвови за освојување и токму тоа ѝ ја одржува амбицијата:

-Да, има повеќе врвови што сакам да ги достигнам. Врвот е тоа што ти ќе си го поставиш како крајна цел или како што велат: „Work until you no longer have to introduce yourself”.

 

 

 

 
 

Да потклекнеш, да посакаш некогаш да се откажеш е човечки, ама да не се откажеш е храброст. Ниедна детска желба не е неостварлива, а разликата помеѓу успешните и просечните е што првите не се откажале. И затоа мојата порака до сите кои можеби во овој момент на нивниот пат кон успехот имаат потешкотии и посакуваат да се откажат е: „Не се откажувај, само чесно и храбро напред, не постои врв што не може да се освои“ – порачува Стефанија!

А  за тоа што значи за една мајка да го поддржи патот и успехот на својата ќерка, далеку од дома, зборувавме со  нејзината мајка, Марија Крстевска.

-Еве додека разговараме за мотивација и во тешките моменти, со кој совет вие ја испративте Стефи во Балшој?

-Никогаш не откажувај се,  животот еднаш ти нуди ваква шанса,  од тебе зависи дали ќе бидеш светска ѕвезда или локална и никогаш не заборавај  дека соништата се остваруваат  и чуда се случуваат, но само ако многу се вложиш, комплетно се посветиш и чесно се бориш – уште еднаш  посочи Марија.

И колку и сега да се двете горди на направените избори и прифатените совети, вистината е дека овој пат на  уметноста носи со себе многу предизвици.

-Целото ова наше патување низ овој процес беше  огромен предизвик,  искуство, одговорност,  привилегија – и за мене како мајка, но пред сѐ за Стефи.  На 14 години се соочи со  тоа што значи жртвување , живот сама  далеку од дома, целодневно вежбање, плачење, радување,  психички падови и воздигнувања,  огромна одговорност што ја носи самото школо Болшој и настапите на таа сцена.

Поминавме низ тежок  период и од емотивен и од финансиски аспект, период кој останува врежан и како траума и како најголем успех.  Секогаш сме си биле поддршка и мотивација,  никогаш не се откажавме,  а тоа е најважно. Другото е работа и само работа –  раскажува Марија.

Тоа што и самата е балерина веројатно било и предност бидејќи знаела , барем до некаде, како да ја подготви ќерка си за тоа што ја чека и да ѝ  ја посочи истрајноста како најголема карактеристика и мотив.

-Оваа професија бара навистина многу посветеност, жртва и труд, зад тие нежни движења на сцената, стои сериозно тешка работа. За да се успее, мора да го живеете балетот, да си поставите висока цел, да имате големи амбиции, дистциплина и талент. Кај децата најважно е да направите да го засакаат балетот, да направите да уживаат во тешките балетски движења, да се стремат кон совршенство и да ги мотивирате секојдневно. Јас и Стефи сме сопственици на балетското студио „Арабеск“ и нашата мисија, цел и поттик да го отвориме беше токму тоа, да создадеме идни вљубеници ви балетот, среќни и успешни млади луѓе, да придонесеме барем на дел од тие деца балетот да им стане професија, а останатите едуцирани вљубеници во уметноста. Среќни сме и привилегирани што ја имаме честа да помогнеме во создавање здрави, среќни, успешни млади балерини, уметници.

-А денес, кога ќе се осврнете, како гледате на успехот на Стефи?

-Успехот на Стефи е потврда дека ако го поддржувате, го препознаете неговиот талент, правилно го насочите, верувате во него без дилема и му бидете најголема поддршка, не само што сте создале успешно дете, туку среќен и реализиран човек.

Секоја тешкотија што сме ја поминале, а ги имало многу, нѐ направила ова што сме денес – горди, силни, успешни, борбени...

А за тоа што после кога успехот ќе се реализира, што Марија и како мајка и како успешна жена ја прави среќна, ќе рече:

-Не постои поголема среќа од тоа си го гледате детето како си го живее сонот. Секој ден и секој нејзин успех, секоја нејзина помината проба, претстава, улога...секоја нејзина солза радосница после огромниот аплауз за мене е најголема среќа. Сега следат многу нови улоги,  креации и технички и уметнички,  а јас секако во претседателската ложа, со шешир (се смее), како прв сведок на  нејзините светски успеси,  главна поддршка и нејзин најголем обожавател!

12.06.2024.
Trenutno nema komentara

Слични статии

01.
Nov.
2024.
БЛОГ
Оваа есен модните приказни на Fashion Group изгледаат уште подобро, благодарение на новиот Samsung Galaxy S24.
30.
Oct.
2024.
БЛОГ
Модниот бренд Dan John со новата колекција за оваа сезона носи совршен микс на различни естетики, обединети под препознатливата префинета елеганција што...