Познат по неговите впечатливи фотографии што секогаш раскажуваат толку младешки и шармантни приказни, Антонио Станков за кратко време стана еден од омилените кога се фотографите во прашање. Иако релативно млад, тој на посебен начин успева да ја долови убавината кај луѓето, онаа вистинската, внатрешната за која некогаш треба многу повеќе од еден поглед за да се забележи.
Кошула: Guess
Модните едиторијали се дефинитивно неговата „силна“ страна, а истото може да се забележи по бројните проекти на кои работел досега, а оставил навистина посебен печат по кој полека станува препознатлив. Својата приказна тој продолжува да ја раскажува и преку галеријата „Collarette“ каде на уникатен начин допира до душата на неговите клиенти, фотографирајќи го ирисот од нивните очи. За сите предизвици што допрва го чекаат, за тоа од каде црпи инспирација, за идните планови и за тоа кои се најтешките луѓе за фотографирање, читате во интервјуто со Антонио за Fashion Group.
Панталони, дуксер, чевли: Hugo Кошула, панталони: Guess, Eспадрили Replay
- Што е она што прво размислуваш кога ќе дојдеш на сет? Да направиш добри модни фотографии или да ја прикажеш вистинската личност што ја фотографираш?
Речиси пред секој сет имам еднакво трема и несигурност дали сè ќе биде како што треба, но кога веќе ќе започне самиот сет, тремата опаѓа и целосно се препуштам на атмосферата. Според мене, постои разлика кога намената на сетот е прикажување на модни комбинации, тогаш целиот фокус треба да е прикажување на нив во најдобро светло, а моделот е тој кој треба да ја износи комбинацијата на најдобар начин. Кога е во прашање портретна фотографија на личност, тогаш сметам дека е многу важно претставувањето во најдобро светло и истакнување на нејзиниот идентитет во целост.
-Се случило ли да „снемаш“ инспирација на сет? Што тогаш?
- За мене, инспирацијата е најважна пред да започне самиот сет. Тогаш се случува тој креативен процес и момент на идеи, додека на самиот сет, сметам дека половина од работата е веќе завршена и само целиме кон она што сме го замислиле.
-Иако си релативно млад, важиш за еден од најбараните фотографи во земјава. Што е она што си го доживеал како „highlight“ во твојата кариера досега?
-Ви благодарам за ваквата констатација, навистина ме радуваат овие коментари. Морам да признаам дека јас сè уште немам конкретно еден „фотосет“ што би го сметал за „хајлајт“ во мојата кариера, но морам да издвојам неколку меѓу кои маркетинг кампањата за серијата „Преспав” и чувството кога ќе ги видиш сопствените фотографии на билборд што не може да се опише. Подеднакво драга ми е и кампањата на Fashion Group за новогодишните празници и секако, мојата прва насловна страна со Викторија Лоба.
Панталони: Replay, Mаица Dan John, Патики: Liu Jo
-Се случило ли некој клиент да не е среќен со готовите фотографии? Што тогаш?
- На моја голема среќа, ситуација од овој тип е навистина реткост. Секако, со текот на времето се имаат случено ситуации кога резултатот не е според очекувањата, но секогаш се трудам да ги корегирам или повторам фотографиите, за на крајот клиентот да е задоволен со постигнатиот резултат. Според мене ова е многу нормално, на сетот работат многу луѓе и било кој да потфрли, се одразува негативно на крајната фотографија.
-Кои се „најтешките“ луѓе за фотографирање?
- Сметам дека секој што свесно застанува пред камерата и е отворен за соработка не може да биде тежок за фотографирање. Нормално е некој да има повеќе, а некој помалку искуство пред камера, но кога личноста сака да се фотографира, тогаш не е ништо тешко, потребно е само добра комуникација и пријатна работна атмосфера. Кога личноста што треба да се фотографира е несигурна во себе или не сака да се фотографира, нормално, тогаш соработката е потешка.
-Што е твоето обележје во однос на фотографиите? Што е она што кога некој ќе види твоја фотографија, знае да каже, „Да, ова го сликал Антонио!“.
- На ова, веројатно, некој друг би требало да даде одговор (се смее). Јас никогаш не правам ништо плански за да моите фотографии се разликуваат од другите. Претпоставувам, секој фотограф следејќи ги своите принципи на работа го гради својот стил, што со текот на времето станува препознатлив кај останатите.
-Еден познат фотограф ќе каже: „Мојот живот е полн фотографии што не сум ги сликал“! Имаш ли време да ги овековечиш сите важни работи во твоето секојдневие?
- Денес со социјалните мрежи сите ние секојдневно сме пред или позади објективот, намерно или ненамерно. Јас се пронаѓам во реченицата на познатиот фотограф, а можеби и тоа е суштината, не може сè да биде фотографија и всушност, не треба да биде.
-Што е твојот предизвик во кариерата? Има ли некоја личност која посакуваш да се најде пред твојот фотоапарат?
- За мене предизвик претставува усогласувањето на идеите кои ги има клиентот со мојата и естетиката која е посакувана. Од нашата јавна сцена би ја издвоил Каролина Гочева како лице со кое немам соработувано, а би ми претставувало задоволство да се најде пред мојот објектив. Од светската сцена списокот е голем, како на јавни личности така и на списанија, модни куќи, брендови… Би ги издвоил сестрите Хадид, Кардашијан, модната куќа Диор, Луј Витон, Валентино, магазинот Вог и многу други.
-Значи ли дека фотографијата е твојата „комфорна зона“?
- Би кажал и да и не, тоа е всушност и причината зошто ја сакам и работам оваа професија. Кога се посветуваме максимално на фотографијата секој сет може да биде излегување надвор од комфорна зона, тука нема правила. Зависи од тоа колку сме спремни да експериментираме и ризикуваме.
-Раскажи ни за Collarette? Која е приказната зад овој креативен проект?
- Галеријата „Collarette“ e прв проект на кој работев настрана од регуларните активности кои ги имам, заедно со Давид, кој приватно е мој најдобар другар. „Collarette“ претставува концепт студио за ирис фотографија, каде луѓето можат да дојдат и да си го фотографираат својот ирис од окото, кој патем е еден од најкарактеристичните и уникатни делови од нашето тело. Првичната идеја потекнува од популарниот филм “I Origin”, а потоа со детално проучување во оваа област увидовме дека успешно функционираат проекти со сличен концепт во западноевропските земји. По околу половина година истражување и усовршување на ова поле, успеавме да ја отвориме концепт галеријата кај нас. Веќе еден месец по отворањето, можам да кажам дека сме задоволни со резултатите, купувачите ја препознаваат идејата, а особено нè радува што коментарите се позитивни.