Иако Амал Клуни светот ја познава како еден од најбараните адвокати за човекови права кои зад себе имаат завршено исклучително важни случаи, сепак, никој не може да го оспори нејзиното неверојатно чувство за стил.
Секогаш со беспрекорна фризура и шминка, сопругата на холивудскиот миленик Џорџ Клуни за своите јавни појавувања одбира парчиња кои се одраз на вистинска елеганција, сосема соодветно за нејзината професија.
Но, она што не смееме, а да не го споменеме е нејзиниот совршен изглед на секое појавување на црвениот килим каде секогаш е олицетворение на вистински ретро гламур, одбирајќи ултра впечатливи фустани за кои се говори денови подоцна.
Сосема соодветно, минатата година таа беше прогласена за жена на годината од магазинот Time на чија насловна изгледаше навистина беспрекорно, облечена во розова креација што и прилегаше подобро од било што.
„Јас само одговарам на она што гледам дека се случува во светот. Свет каде што виновните се слободни, а невините се сместени зад решетки, каде оние што не ги почитуваат човековите права уживаат слобода, а оние кои ја пријавуваат таа злоупотреба се затвораат. Како адвокат, јас можам да направам нешто за тоа. Или, најмалку што можам да направам е да се обидам. Фокусот на мојата работа се насочува кон тоа да ги ослободам жртвите и да ги затворам виновните. Работата на нашата фондација се однесува на тоа да овие работи ги прошириме и глобално“, изјави тогаш за Time, прекрасната адвокатка.
Меѓу многуте лекции за професионалниот изглед што ги научивме од неа е и дека секогаш треба да дадеме сопствен печат на секоја комбинација и никогаш да не се плашиме од бои. Како такви можеме и да ги опишеме сите нејзини комбинации кои секогаш привлекуваат толку многу внимание, особено на дамите кои обожуваат деловен дрес код.
Таа не престанува да биде наша инспирација без разлика дали се работи за комбинација со која сакаме да оставиме впечаток на состанок или пак некоја со која ќе блеснеме на некој друг важен настан, токму нејзините стајлинзи секогаш се на прво место.
Во пресрет на Интернационалниот ден на жената, се потсетуваме на некои од најстилските изданија на познатата адвокатка и црпиме инспирација од нашите брендови за беспрекорен стил како нејзиниот.