Покрај неверојатното шоу што Џенифер Лопез и Шакира го приредија вчеравечер во Мајами, подеднакво внимание привлекоа и филмските награди BAFTA што традиционално секоја година се одржуваат во Лондон.
Овојпат, дрес кодот беше поврзан со еко модата, па така сите гости требаше да носат парче што веќе го носеле или некое од еко – оддржлив бренд.
Очекувано, најголемиот дел од познатите личности одбраа парчиња од новите колекции на светските дизајнери, а многу малку го испочитуваа бараниот дрес код, иако истиот не беше задолжителен.
Прва на листата која речиси секогаш ги следи правилата беше Војвотката од Кембриџ, Кејт Мидлтон која за приликата одбра креација од Александар Меквин која ја носеше на посетата на Малезија во 2012 – тата година.
Oна што го забележаа многумина е дека таа изгледа подеднакво добро како и пред осум години, со оглед на тоа што фустанот не претрпел никакви поправки, освен мал акцент во пределот на ракавите.
Овојпат, Кејт промени дел од модните додатоци, ставајќи акцент на клач чантичката од нејзината омилена дизајнерка Ања Хајндмарк и луксузен накит од Van Cleef & Arpels.
Подеднакво привлечен во црн костум беше нејзиниот сопруг Вилијам, кој исто така беше еден од ретките кој го испочитува поставениот дрес код.
Меѓу малкуте кои за приликата одбраа она што се бараше беше и младата актерка Срша Ронан која изгледаше навистина впечатливо во црна креација со тенки прерамки на Гучи. Истата беше изработена од рециклиран сатен, совршен за пригодата, а талентираната ирска актерка го надополни со колоритни обетки и впечатлива шминка и фризура.
Подеднакво прекрасна беше и Оливија Колман која на црвениот килим се појави во елегантен долг фустан на Александар Меквин со рачно везени Сваровски дијаманти во предниот дел. Целото внимание беше насочено кон розовите дијаманти изработени во лабораторијата на Сваровски, сè со цел да се зачуваат природните кои се едни од најретките во светот.
Уште една дама која им се придружи на листата беше 27 годишната актерка Дејзи Ридли облечена во неодолив Оскар де ла Рента фустан во кој изгледаше неодоливо.
Кога сме кај наградите и еко – оддржливата мода, за пофалба е Хоакин Феникс кој реши да се појавува на сите настани во ист костум, а токму вчеравечер ја освои наградата за најдобар актер во филмот „Џокер“.
Женската верзија на наградата ѝ припадна на Рене Зелвегер за „Џуди“, додека за најдобар филм беше прогласен „1917“ на режисерот Сем Мендес.
Не смееме да заборавиме ниту на шегите што во име на најдобриот актер во споредна улога, Бред Пит, ги направи неговата колешка Марго Роби, а се однесуваа на излегување на Британија од Европската унија и заминувањето на Хари и Меган од кралското семејство.
Иако многумина не го испочитуваа дрес кодот на вечерта, погоре погледнете ги стајлинзите кои беа вредни за внимание.
Фото извор: Getty Images, Evening Standard, Vogue, In Style
Купувајте онлајн каде и да сте. Преземете ја бесплатната мобилна апликација FashionGroup: