Месец јануари секогаш е еден од највозбудливите во годината кога станува збор за модата, со исклучително бурен распоред на модните недели, прикажување на колекции за кои се зборува месеци подоцна и секогаш, со најдобриот уличен стил од модните метрополи.
Настрана познатите како Милано, Париз и сл., Копенхаген секогаш бил еден од омилените модни градови, особено кога станува збор за уличниот стил. Истиот отсекогаш важел за место каде живеат најстилските момци и девојки, место каде се создавале некои од најголемите трендови за следната сезона.
Токму таму во тек е модната недела каде некои од најпознатите скандинавски брендови ќе ги прикажат своите најнови колекции, а во меѓувреме улиците се вистинска инспирација кога станува збор за трендовите за оваа сезона.
Она по што се познати во Копенхаген е тоа што девојките и момците уживаат во експериментирање со парчињата, па така дури и она што некогаш не можете да го замислите, тие го носат на неодолив начин.
Кога говориме за трендовите, од она што можевме да го забележиме е тоа дека уникатните јакни ќе бидат вистински хит додека сè уште трае студената сезона, кожените парчиња ќе бидат омилени во преодната, костимите во интензивни бои и понатаму ќе бидат обожавани, а ефектните модни додатоци секогаш на прво место.
Иако Скандинавците се познати по минимализмот, нивното истакнато чувство за стил им дозволува акцент да стават на додатоците и впечатливите парчиња, па на крај секогаш ја имаат вистинската комбинација.
Во продолжение ќе ги пронајдете комбинациите што нè освоија на прв поглед, а кои се вистинска инспирација за деновите од новата сезона што доаѓа.