Вчеравечер во Белградската арена се одржа долгоочекуваната церемонија MAC Awards, една од најпознатите во регионот каде своите признанија во вид на награди ги добиваат сите истакнати лица од музичката индустрија изминатиот период.
Сосема очекувано, сите познати балкански ѕвезди се појавија во своите најдобри изданија, претежно одбирајќи комбинации во црни нијанси во кои изгледаа неверојатно гламурозно, како што и доликуваше на манифестацијата.
Нашата музичка дива Каролина Гочева доби исклучително позитивни критики за двата стајлинга во кои се појави вечерта, а истите се дело на Јована Зука и Јована Филиповиќ, додека ултра впечатливиот и уникатен накит беше со потпис на дизајнерот Марјан Бебекоски и Јована Зука.
На црвениот килим таа го најави нејзиното враќање на српската сцена по цели осум години и откри дека подготвува поп албум на српски и македонски јазик, поради што истакна дека и нејзините настапи таму ќе бидат сè почести.
Таа на наградите настапи со нејзината последна поп песна „Од небо до дно“ во друштво на одлични танчари со кои заедно направија неверојатна атмосфера во Белградската арена.
Неверојатно забавен беше и настапот на пејачката Сара Јовановиќ или попозната како Сара Јо која направи вистински спектакл заедно со нејзините познати танчери и ја крена на нозе целата публика во арената.
Дека вчеравечер беше вистинска вечер за паметење докажа настапот на српската музичка дива Констракта која уште еднаш ја изведе песната со која настапи на евровизиската сцена, а истата наиде на големо воодушевување на присутните. Таа по којзнае кој пат докажа дека е вистинска модна икона со изборот на облека, појавувајќи се во уникатна креација со високи јаки и колоритен накит, со соодветна шминка и секогаш интересна фризура.
На црвениот килим вниманието го одвлече и српската инфлуенсерка Дуња Јованиќ која се појави во комбинација во црна нијанса составена од килоти со висок струк и корсет со впечатливи пердуви, надополнета со накит во златна нијанса и црвени високи потпетици.
Супер стилска како и секогаш беше и прекрасната Емина Јаховиќ која на црвениот килим се појави во неверојатна црно бела креација составена од панталони и палто, додека за одличниот настап одбра сосема бела креација што ѝ прилегаше совршено.
Ние одбравме некои од највпечатливите стајлинзи од вчерашната церемонија, па споделете нѝ кои се вашите фаворити.
Фото: Story.rs, MAC, Tanjug.rs, Blic.rs, 24 Sata