Кога на една сцена ќе застанат уметници како Каролина Гочева, Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски, веројатно знаете дека вечерта ќе биде приказна за раскажување. Така и беше. Тие оставија не една, туку три вечери за паметење, за солзи, за радост, за љубов и за копнеж.
Вистинска идила, концерти што те оставаат без зборови. Истото се гледаше и преку нивните емоции кои отсликуваа неверојатно уживање во секој еден контакт со публиката, во секоја една песна побогата од било која друга. Наследство што не се раскажува, туку се опејува, како што тоа тие го направија.
Секоја една песна подобра од претходната, со текстови какви што само големите умови знаат да напишат, со изведби какви што само Каролина, Дуке и Исмаил можат да ги донесат. Секој професионалец во својот домен, тие го извадија најдоброто од себе за двочасовно уживање на публиката, која исклучително заинтересирана и понесена, доби можност уште еднаш да ги погледне на 3-ти и 4-ти јануари.
Сосема соодветно, секоја комбинација што ја носеа беше толку добро претопена со секоја една песна што ја изведоа, што навистина беше празник за очите. Каролина уште еднаш докажа зошто е една од омилените кога станува збор за стилот, а изгледаше подобро од кога и да е во внимателно одбраните парчиња од брендовите на Fashion Group. Комбинациите што таа ги носеше, а истите беа со потпис на Mango и Boss, се совршена инспирација за вашите празнични стајлинзи, а дополнети со шик модни додатоци, даваа еден навистина прекрасен изглед. Зад неа, во ниту еден момент стилски не заостанаа ниту големите Дуке и Исмаил, кои беа вистински џентлмени во комбинации од Dan John и Bitsiani.
Ние имавме ексклузивна можност да направиме интервју со тројцата уметници за сето она што го доживеаја во рамките на проектот „Песни за љубов и копнеж“, а она во што се сложуваат сите е дека секој еден концерт ги надмина нивните очекувања.
„Искрено, очекував голем интерес, но она што се случи викендот ги надмина сите мои очекувања. Публиката беше вистински „гладна“ за вакво нешто, Македонија има длабоки културни корени и културен потенцијал, што треба повторно да почнеме да го негуваме“, вели Дуке.
За тоа како тројцата успеаја да вметнат толку многу љубов во проектот „Песни за љубов и копнеж“, тој вели дека Исмаил бил тој кој всушност е „виновен“ за овој неверојатен спој.
„Со Каролина почнавме соработка со композицијата „Зборови Немам“ во 2015-тата и оттаму почна сè. Уште истата година јас веќе го имав закажано мојот втор концерт во Карнеги Хол во Њујорк каде ја поканив и ја изведовме Зборови Немам - тоа беше наш прв заеднички настап. Потоа следеше концертот во Метрополис Арената каде таа ми гостуваше, нѝ недостасуваше една композиција да додадеме и ја пробавме Празно е без оваа љубов, композиција од мојот покоен татко Тодор Бојаџиев. Изведбата на таа компоизиција и реакциите на публиката беа иницијалната каписла за создавање на Песни за Копнеж и Љубов. Потоа, во 2019-тата го славевме нејзиниот роденден во Њујорк и собрани околу пијаното почнавме да се присеќаваме и на други композиции од тоа време. По таа вечер Исмаил беше прв што кажа - ,,другари, ова мора да го овековечиме и споделиме со светов”. Оттаму тргна сè, полека, но сигурно, го реализиравме овој проект“, додава Дуке.
Исмаил ќе каже дека било многу лесно да се вметне толку многу љубов во еден проект кога соработуваш со уметници со кои имаш взаемна почит.
„Самиот состав како трио е направен во фазонот на камерна музика каде што сите тројца сме ,,голи” на сцена, без други вокали и инструменти, тоа нѝ дава уште поголема слобода да изразиме емоции кои не би можеле на друг начин“, вели тој.
Токму за тоа, дали „Песни за љубов и копнеж“ се случи некако „од прва“, Каролина ќе рече:
„„Песни за љубов и копнеж“ се случи толку лесно и природно од две причини - искрената музичка хемија која ја има меѓу нас тројцата и фактот што работевме со толку квалитетни, вонвременски песни од легендарни автори како што се Драган Ѓаконовски - Шпато, Тодор Бојаџиев, Димитар Масевски и Љубомир Бранѓолица“, вели таа.
Со оглед на тоа што се работи за проект кој со себе носи посебна тежина, со нив разговаравме за тремата и возбудата кои некако одат заедно кога се работи за проект што обработува дел од музичкото наследство на една исклучително музичка земја.
„Јас немав трема, но бев многу возбуден од идејата и концептот, посебно што го правам со луѓе кои ми се и лично многу драги и блиски. Не размислував толку на тоа како публиката ќе реагира, бидејки знам дека ако ние тројца реагираме толку емотивно, тоа сигурно ке го почуствува и публиката. Ние со овој проект се трудиме да го дадеме својот максимален уметнички потенцијал и уникатен музички израз, да „откопаме“ и оживееме една културна страна од македонската музичка историја која досега беше подзаборавена“, вели Дуке, на што Каролина се надоврзува дека иако е „вечен тремаџија“, овојпат целосно се препуштила на музиката и сосема уживала.
Во неколку наврати на концертите, Дуке посочи дека со ваквите проекти сакаат да ја „разбудат“ културната сцена во Македонија, што и навистина се случи, барем за миг. Што по „Песни за љубов и копнеж“?
„Знам дека ние ќе продолжиме со својата музичка мисија и понатаму. Како што Ганди вели, биди промената што сакаш да ја видиш во светот, така ние ќе го правиме она што сакаме да го видиме околу нас. Се надевам дека тоа ќе инспирира многу други да го прават истото“, вели тој.
Каролина посочува дека Македонија секогаш имала сериозна културна сцена и уште подобри уметници, но и дека публиката можеби не секогаш била заинтересирана.
„Овој проект во ниту еден момент не го сметавме за комерцијален и не очекувавме дека ќе привлече толку голем број на луѓе од различен профил и различна возраст. Ова што се случи е само показател дека во Македонија има публика која знае да препознае вложен труд, љубов и квалитет“, додава таа.
На прашањето по што музичкото наследство во Македонија се разликува од останатите и зошто истото е толку почитувано ширум светот, уметниците ќе кажат:
„Генетскиот код што го носиме тројцата од ова прекрасно парче земја во која сме родени и оформени како луѓе, со сето наше искуство стекнато низ годините, сакаме да го пренесеме на следните генерации и да дадеме пример како се негува културата и културното наследство на една земја“, вели Дуке, а Исмаил потврдува дека во нашата држава има огромен талент и потенцијал, а со оглед на тоа што сме во срцето на Балканот каде сме биле експонирани на најголемите музички влијанија, истото останува во нас и го носиме секаде.
Со нив поразговаравме и за тоа дали тие сметаат дека како нови музички генерации ќе остават наследство со нивното творештво, токму како авторите чии песни се испеани на албумот, тие велат:
„Токму тоа е и поентата на овој албум - да им дадеме нов живот на песните што го одбележале нашето детство, животот на нашите родители, баби и дедовци и да ги приближиме до новата генерација, продолжувајќи им го животниот век“, вели Дуке, а Каролина и Исмаил се согласуваат во целост.
Дека изгледот на сцената е подеднакво важен како и сè останато, потврдија и нивните исклучително добри изданија, секој еден направен од внимателно одбрани парчиња од колекциите на брендовите на Fashion Group.
„Заедно со нашата стилистка, Јована Зука се потрудивме да одбереме облека која кореспондира со периодот во кој се снимени и напишани оригиналните песни, со одредени модерни модни додатоци кои на некој начин ја симболизираат преродбата на самата музика и новите аранжмани. Притоа, не сакавме облеката да е доминантна во однос на музиката која ја изведувавме“, појаснува Каролина.
„Сакавме на сцената да го доловиме малку и духот од тоа време, една прекрасна дама придружена од два џентлмени. Едноставно, но со вкус. И секако интимна атмосфера, како да се наоѓате кај некој од нас дома во дневната соба, каде опуштено си ја свириме музиката со срца распослани низ целата просторија“, раскажува Дуке.
Сосема на крај, ги прашавме дали ќе има нешто „поголемо“ од „Песни за љубов и копнеж“, а тие рекоа:
„Ние одиме со голема желба и амбиции овој проект да еволуира понатаму. Времето ќе покаже“.
Фото: Стефан Рајхл