Fashion group Блог

Blog Cover Slika 847x195px Dimitar

Celio

ПОРТРЕТИ НА МАЖИ – ДИМИТАР #MOVEMBER

Овој #Movember решивме да го одбележиме со мини-кампања за брендот celio* која се надеваме дека ќе допре до дел од машката публика и ќе ја подигне свеста за машкото здравје, барем во текот на овој месец, а за сите момци со мустаќи и брада овозможиваме -15% на целата колекција. Во кампањата прикажуваме различни мажи кои се издвојуваат по нешто – својата професија, хоби или делувањето во општеството. Тоа се момци кои сакаат да преземаат ризици, кои се ентузијастични, отворени и оставаат впечаток.

Во опуштена атмосфера и на „нивна територија“, преку објективот на Ани и Дими, пробавме да го доловиме карактерот на секоја личност, а во меѓувреме им поставивме неколку интересни прашања.

Запознајте го:

Димитар Попов

Арт директор и претприемач (Reborn.mk и Reborn Studios)

https://www.facebook.com/dimitar.popov.585

DB2C1045

  1. Дали имаш предмет/ритуал кој ти носи среќа?

Има многу предмети кои прават да се чувствувам среќен. Тотално сум гик за убаво издизајнирани објекти. Низ дома, а и во канцеларија сум опкружен со милион мали предмети кои ги имам „собрано“ од различни места и продавнички низ светот. Сè што има естетска вредност ме расположува. Од постер до шолја за кафе – сè што е убаво смислено успева да „испумпа“ една доза допамин во мојот мозок.

Во однос на ритуали, може да кажам дека готвењето ми е станато еден вид на ритуал. Во последниве неколку години, обожавам да готвам. Успевам да најдам време за бар 3-4 пати неделно да истерам една цела церемонија околку припремата на оброк (дури и кога готвам само за себе). Доживување ми е да смислам што да готвам – да отидам до маркет  да одберам месо, до пиљара по зеленчук и да се вратам дома за да си направам Џејми Оливер филм. Тотално опуштање и уживање. А ако имам можност и време за да готвам и за друг, е тоа е веќе едно цело ново ниво на сатисфакција.

  1. Забораваш дека времето поминува додека…

Кога работам на ствари повразни со естетика и дизајн. Дел од мојата работа во Reborn е како арт директор, што значи дека голем дел од времето во денот ми поминува во решавање на визуелната презентација на сè што објавуваме, од видеа, па сè до маркетинг кампањи. За мене, нема ништо поинтуитивно и поинтересно од оваа работа. Можам да седам со саати и целосно да се внесам во предизвикот.

DB2C1070

  1. Во која музика, филм, книга или серија најмногу уживаш?

Се обидувам да смислам нешто пооригинално од одговорот што инстатно сакам да го кажам, но стварно не можам да се сетам кога последен пат нешто имало толкаво влијание на мојот интерес. Мислам дека очите ми се цели зеница кога го гледам. Сè друго е еден степен подоле. Станува збор за ремек делото Stranger Things.

  1. Што е мажот, во еден збор или фраза?

„Just a soul whose intentions are good

Oh Lord, please don’t let [him] be misunderstood“

DB2C1081

  1. Кое е твоето омилено парче облека?

VANS еспадрили. Толку се едноставни, ама ете, не можам да најдам замена за нив.

  1. Ако треба да избереш, кој хаштаг најдобро те претставува?

#rebornphoto? (… извини, ова е бесрамна самопромоција во текст што е целиот една голема самопромоција… too meta?)

DB2C0928

  1. На што особено обрнуваш внимание при изборот на облека?

Да биде црна или сива.

DB2C1074

  1. Твојата најголема модна грешка е…

Ако гледам во ретросепктива и сум искрен, сум имал многу модни грешки. Мислам дека како и за многу други работи поврзани со вкус, мора да поминеш низ одредени фази за да созрееш. Не дека се мислам дека сум некој созреан фешн гуру, но можам да кажам дека сум комотен во моите одлуки од последниве неколку години. Некако мислам дека успеав да ја најдам вистинската формула за мене.

  1. Колку мажите во Македонија се грижат за своето здравје?

Ми се чини дека поновите генерации почнуваат да стекнуваат некаква свест околу здравје, фитнес и исхрана. Но за жал, сè уште има големо влијание од постарите генерации, а мислам дека тие (ралативно гледано, нели) се за никаде од аспект на грижа на здравје. Се јаде многу тесто (има пекара на секои 3 чекори… познавам еден тон луѓе кои секојдневно појадуваат кифла, бурек, баничка…), се јаде многу масни и нездрави меса, се пушат цигари, итн.

  1. Што треба да подобрат во грижата?

Првично исхраната. Нема ништо поважно од тоа што внесуваш во своето тело. Фали малку едукација околу тоа што е добро и што треба да се избегнува. Со мала инвестција околу што, како и кога се исхрануваш ќе изгледаш подобро и ќе се чувствуваш подобро. Штета е да не се вложи во тоа… имаме само по еден живот. А да, уште нешто, до кога ќе бидеме нација што пуши цигари? Само уште ние и сиромашните во Азија останавме, сите други сфатија дека е огромна глупост.

  1. Порака до мажите за овој Мовембер…

Порака до сите за овој Мовембер, не само до мажите. Нема поента да разговараме за здравјето на мажите додека игнорираме еден огромниот проблем кој ќе го уништи здравјето на сите овој ноември. Зборувам за нивото на загаденост во нашиот град!

Загадениот воздух е докажано дека го уништува нашиот имунитет (ова значи дека стануваме поосетливи на болести и дека ни треба повеќе време за да оздравиме од нив), а исто така е докажано и дека влијае на нашиот репродуктивен систем. Загадувањето е поврзано и со кардиоваскуларни болести, како срцеви удари и други срцеви болести, а влијае и на физичкиот и менталниот развој на децата.

Ако отворите онлајн да прочитате на темата ќе се запрепастите – ризиците се огромни! Игнорирање на ваков проблем е најнебулозниот потег кој може да го направиме за себе и за следните генерации.

Знам дека голем дел од вас што го читаат ова само што превртија со очи и веќе им се има здосадено од луѓе како мене кои идат наоколу и зборуваат на темата. Но ова е вистински  проблем кој не смееме да го игнорираме. Дури и ако не ве интересира своето здравје, помислете на луѓето околу вас – вашите девојки, дечковци, мајки и татковци, на вашите внуци. Сите дишат отров.

Ако навистина сакате да подигнете свест овој Мовембер, нека биде тоа акција насочена кон тема која е неверојатно важна. Ни треба чист воздух. Ништо друго во моментов не е од толкава важност, како оваа најосновна човекова потреба. Организирајте и едуцирајте ги луѓето околу себе, намалете го времето што го поминувате во автомобил и најдете начин да поминете бар некое време надвор од градот оваа зима.

  1. Како ти ќе во одбележиш месецот посветен на машкото здравје годинава?

Оваа година беше една од најнездравите години во мојот живот. Решив да се посветам комплетно на работа и го ставив моето здравје и моите лични потреби во заден план. Тоа значи дека не спиев колку што треба (и предизвикав сериозна инсомнија), не се исхранував како што треба (и нездраво ослабев), прекинав да одам во теретана, итн.

Долго време имам потреба да направам промена околу сето тоа и да се REбалансирам. Затоа решив да го искористам Мовембер како еден позитивен момент за да ги направам тие промени, па еве месецов симнав FitKit и почнав да одам редовно во теретана. Најсериозно, не е реално каква разлика прави на тоа како се чувствувам секојдневно.

  1. Дали ќе растеш бркови за Мовембер? 🙂

Не. Ме мрзи да се замарам.

Да бидеме поврзани